Референдум е најавтентична форма на директна демократија. Им овозможува на граѓаните директно да се вклучат во носењето на политички одлуки и јасно да се изјаснат за одредено прашање. Преку него, граѓаните го остваруваат својот суверенитет.

Референдумот е светла одлика на секое демократско општество. Со него, сите граѓани добиваат силен глас и моќ да донесат одлука за најважните прашања од нивен интерес. Истовремено, е алатка со која ја корегираат власта и ја зголемуваат одговорноста кај политичарите.

  • Според Уставот на Република Македонија, суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Референдумот им овозможува на граѓаните на директен начин да го остварат суверенитетот во рамките на својата држава или локална заедница.
  • Во демократските држави граѓаните ја остваруваат власта на два начини. Преку избрани претставници кои одлучуваат во нивно име, и преку директно одлучување за важни прашања кои се од интерес за целата заедница. Референдумот претставува најчистиот облик на граѓанско одлучување, преку кои тие, на директен начин, самите одлучуваат за прашањата кои ги засегаат нив и нивната заедница.

Преку референдумот власта се враќа во рацете на граѓаните!

  1. Референдумот претставува најавтентична форма на директна демократија.
  2. Референдумот ја зголемува политичката партиципација на граѓаните во процесот на носење одлуки.
  3. За разлика од гласањето на избори кое се случува само еднаш во четири години, Референдумот овозможува граѓаните да имаат постојана и активна улога во креирањето на политиките во својата заедница.
  4. Референдумот може да биде коректив на власта и да спречи донесување на контроверзни политики и одлуки кои не се во интерес на граѓаните и локалната заедница.
  5. Референдумот овозможува на јасен и недвосмилен начин граѓаните да се изјаснат за определено прашање.
  6. Референдумот го надминува недостатокот на претставничкиот мандат на начин кој им овозможува на граѓаните самите да донесат одлука за најважните прашања од нивен интерес.
  7. Референдумот може да ги обедини граѓаните кои се поделени по партиска, верска или етничка линија.
  8. Референдумот на директен и практичен начин го овозможува Уставното начело на остварување на суверенитетот на граѓаните
  9. Референдумот овозможува децентрализација на моќта сконцентрирана во рацете на политичарите.
  10. Преку референдумот граѓаните самите ја остваруваат власта.
  11. Во услови кога процесот на одлучување е се’ подалеку од граѓаните а демократијата доживува криза, Референдумот овозможува „гласот“ (мислењето) на народот (граѓаните) да биде слушнат.
  12. Референдумот овозможува контрола врз власта и придонесува кон зголемување на одговорноста кај политичарите.
  13. Преку кампањите кое се водат во неговите рамки, Референдумот овозможува граѓаните да бидат поинформирани за прашањата кои се од важен интерес за нив и нивната заедница.
  14. Референдумот ја зголемува довербата во системот и неговите институции.
  15. Референдумот ја зацврстува улогата на граѓанинот во политичкиот систем.


Неколку примери од успешни локални референдуми во земјите од ЕУ и регионот

Референдумот претставува едно од најупотребуваните средства на директно одлучување на граѓаните за прашања од јавен интерес во земјите од ЕУ.  Просечно, 200 локални референдуми годишно се организираат во Германија. Референдумите се организираат за прашања од сите сфери од општествениот живот. Некои од попознатите успешни референдуми се оној во градот Берлин во 2011 година, каде граѓаните преку петицијата „Стоп за тајните договори – Берлин си ја бара својата вода назад“ ги принудија градските власти да го раскинат договорот за снабдување со вода потпишан со приватна компанија.  Граѓаните на Лајпциг  пак, во 2008 година, после еден штетен договор на градот со приватна компанија, организираа референдум преку кој одлучија дека јавните ресурси (вода, електрична енергија, превоз и сл.) повеќе не смеат да бидат приватизирани.

Неколку локални референдуми се одржани и во земјите од нашиот регион. Во Хрватска, досега се одржале неколку референдуми на локално ниво. Во 2014 година, жителите на општината Горичан преку граѓанската иницијатива „За чист Горичан“ организираа референдум на кој ја отфрлија одлуката на општинските власти за изградба на депонија за отпад во околината на градот.

Во јануари оваа година пак, жителите на општина Плоча во Хрватска, организираа локален референдум на кој ја отфрлија одлуката на Владата за изградба на термоелектрана на подрачјето на оваа општина.


10 начини на кои референдумот ќе придонесе кон развојот на демократијата во Република Македонија

  1. Првиот локален референдум во Република Македонија ќе го врати чувството на граѓаните дека можат да влијаат на одлуките кои ги носат политичарите и јавните функционери.
  2. Референдумот ќе ги поттикне другите општински совети во Република Македонија да ги консултираат граѓаните при донесување на важни одлуки за општината и граѓаните.
  3. Референдумот ќе ги поттикне граѓаните во другите општини во Република Македонија да поднесуваат иницијативи и петиции за донесување на одредени одлуки или пак за отфрлање штетни одлуки донесени од општинските власти.
  4. Референдумот ќе воспостави пракса во која граѓаните би можеле да ја донесат конечната одлука, или барем да бидат консултирани, за важни прашања за локалната заедница околу кои постојат спротивставени мислења помеѓу советниците во општинските совети.
  5. Референдумот ќе воспостави пракса во која граѓаните ќе бидат повеќе вклучени во процесот на носење одлуки од нивен интерес.
  6. Референдумот ќе придонесе кон поголема граѓанска партиципација што ќе ги направи политичарите и советниците далеку поодговорни при носењето на одлуки од значење за локалната заедница.
  7. Референдумот ќе ја поттикне свеста за граѓански активизам и ќе го поттикне развојот на граѓанското општество.
  8. Референдумот ќе придонесе кон зголемување на степенот на информираност кај граѓаните за важни прашања од локален интерес.
  9. Референдумот ќе ја зголеми транспарентноста, отчетноста и отвореноста на локалната самоуправа кон граѓаните.
  10. Референдумот ќе ја зголеми довербата на граѓаните во институциите и нивната легитимност.