Промоција на книга
„111 тези за ГТЦ“

На 23 април ќе се случи и промоцијата на книгата „111 тези за ГТЦ“, уредена од Ивана Васева и Филип Јовановски. Промоцијата ќе се одвива во мобилна/монтажна галерија на Центарот за современи уметности (Парк на франкофонија во Скопје), со почеток од 11 часот.

Публикацијата издадена од Здружението за култура и уметност ФРУ – Факултет за работи што не се учат во четврток ќе ја промовираат нејзините уредници и професорот и архитект Мартин Гулески. Книгата.

Оваа публикација произлезе од читачката и дискусиона група насловена „ЧИТАМЕ ЗГРАДИ: ГТЦ КАКО КНИГА“ која се одржа на 29 ноември, 2014 год. во Младински Културен Центар во Скопје, во рамки на долгорочниот проект „ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност“.
Книгата е делумно транскрипт на тaа средба, чија цел беше исчитување на Градскиот Трговски Центар во Скопје.

„111 тези за ГТЦ“ е книга создадена од стручни мислења за значењето на овој објект поставени во 11 тези од вкупно 11 значајни мислители на современата архитектонска сцена во земјава (двајца заедно пишуваат 11 тези) и е едитирана со помош на сите учесници и со модераторот на дискусијата. Во книгата се застапени текстови и размислувања од архитектите Минас Бакалчев, Доминика Бошкова, Јасна Стефановска, Ана Ивановска – Дескова, Михајло Зиноски, Дејан Ивановски, Мишко Ралев, Даница Павловска, историчарите на уметност Донка Барџиева – Трајковска и Никола Писарев, како и антропологот Горан Јанев.

Преку исчитувањето на зградата на Градски трговски центар, се стимулира обид одново да се потенцира, преиспита и да и се понуди заштита на нејзиното несомнено културoлошко, општествено и уметничко значење, коешто во последните години има за цел да се избрише, буквално и физички од македонската култура, со интенцијата за нејзино, речиси варварско покривање со „барокна“ фасада. И оттаму, читањето на ГТЦ како книга е обид за оживување на неговата пред сé општествена но и уметничка вредност.

Насловот „111 тези за ГТЦ“ е директна референца на книгата „111 тези за архитектурата“ на Борис Чипан и симболичен чин, потсетувајќи на некои вредности коишто не само што се забораваат по природен пат, туку и намерно се бришат преку препокривање со нови, непознати и еклектични стилови, без никаква уметничка вредност.

Проектот ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност е поддржан од Фондација отворено општество – Македонија (ФООМ).

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *