Студентите повторно
ќе предаваат за ГТЦ

Поради големиот интерес на првата интерактивна настава, студентите од архитектонскиот факултет кои истовремено се и дел од нашата иницијатива #ГоСакамГТЦ ќе организираат и втора прошетка низ Градскиот Трговски Центар која ќе има цел да ги запознае граѓаните со културните и архитектонските вредности на овој култен градски објект.

Прошетката ќе се оджи в среда (15-ти април) со почеток во 18:00 часот, а збирно место повторно ќе биде пред платото на ГТЦ од страната на паркот Жена – Борец. Настанот е отворен за сите заинтересирани граѓани кои низ интерактивна настава ќе може да дознаат нешто повеќе за културното наследство на нашиот град, кое ГТЦ ни го чува веќе четири децении.

Педесетина граѓани учествуваа на првата прошетка низ ГТЦ

На првата прошетка организирана минатиот четврток, студентите од архитектонскиот факултет најнапред ги запознаа граѓаните со општествените и архитектонските вредности на ГТЦ, како и со неговата историја. Тие особено се задржаа на општествените вредности кои со себе ги носи ГТЦ а се однесуваат на неговиот јавен карактер и отвореност за сите. „ГТЦ нема врати и нема чувари на секоја врата, тој не се заклучува навечер. ГТЦ и неговата отвореност комуницираат со околината и паркот, нема внатре – надвор, нема дефиниран праг. Тој претставува и засолниште и улица за граѓаните“.

Идејното решение за ГТЦ е победник на меѓународен конкурс

Изградбата на ГТЦ започнала во 1969 а официјално бил отворен во 1973 година. Реализацијата на ГТЦ била возможна благодарение на многу меѓународни донации кои пристигнувале во градот со цел негово обновување по катастрофалниот земјотрес од 1963-та година. Во тој период, модернизмот во архитектурата бил прилично популарен, па идејното решение на архитектот Живко Поповски победува на меѓународниот конкурс кој бил распишан за Градскиот Трговски Центар. Со проектот на Живко Поповски, практично почнал да се гради најголемиот отворен трговски центар во регионот а во неговата реализација биле вклучени и други познати македонски архитекти како Лидија Марковска, Димитар Димитров, Благоја Колев, Живко Гелевски и други. Изградбата на објектот било проследено со исклучително внимание од страна на стручната и пошироката јавност, а на неговото официјално отворање присуствувал и претседателот на СФРЈ – Јосип Броз Тито.

Скопјани се собирале пред ГТЦ но и во неговата непосредна околина

Како што раскажуваа студентите минатиот четврток, ГТЦ имал извонредно значење за животот на градот во 70-ите и 80-ите години од минатиот век. Во тој период, младите Скопјани најчесто се собирале пред „Ванила“ која била точка на чекање, но и точка на постојано дружење. Во центарот на градот се одело и преку ден, но најчесто навечер од 19 па до часот 1 наутро. Помладите генерации се собирале пред зградата на „Пелагонија“ каде Скопјани најчесто се групирале во поголеми групи и играле асоцијации, „меркале“ девојки или момчиња, се комбинирале со други друштва итн. Особено популарен објект во рамките на ГТЦ било диското Мусандра, па за време на викендите Скопјани се состанувале пред Ванила за подоцна да продолжат во Мусандра. По отворањето на култната „Чичко Стоилко“, оваа сендвичара станува референтна точка на чекање за сите млади. Во овој период, социјализацијата во главниот град се сведувала на непосредно дружење помеѓу жителите и прошетки по „корзото“ каде се одвивала комуникацијата помеѓу различните друштва.

Пасажите на ГТЦ ги спојуваат точките во центарот на градот

Студентите зборуваа и за многубројните пасажи на ГТЦ кои овозможуваат поврзување на неколку различни точки и скратување на патеки – како мрежа од улици, а по тие патеки се нижат продавници – како чаршија. Пасажите овозможуваат да се стигне од една точка до друга на неколку начини кои самите можеме да ги избереме. Тие поврзуваат точки на помал размер – плоштад, кеј, холидеј – ин, жена парк, но и на поголем како на пример: Кисела Вода до парк, Чаршија до центар и т.н. Пасажите овозможуваат жителите да можат да влезат во ГТЦ заедно со своите миленици, со велосипед, ролери или храна. Тие функционираат токму како улица.

Кејот на Вардар ја задржува силуетата на ГТЦ

Следната точка за која студентите раскажуваа и ќе раскажуваат е кејот на Вардар. Токму кејот, како што објаснија тие, овозможува задржување на силуетата на ГТЦ. Во минатото, токму овој дел бил карактеристична слика за Скопје и била ставана на честитките од градот. Историски, овој дел минува низ три фази. Во првата фаза кејот бил пешачка улица користена исклучиво поради погледот кон реката и пријатните сенки кои овозможиле во овој дел од трговскиот центар да се отворат низа угостителски објекти во кои имало пријатна атмосфера. Во втората фаза еден дел од кејот се претвора во зона на градење што во голема мера негативно влијае врз бизнисот на угостителските објекти. Третата фаза од развојот на кејот се одвива денес.

ГТЦ ги гушка кулите

Дојдете на прошеткат аи слушнете ја историјата на петте кули кои се наоѓаат во рамките на трговскиот центар. Овие кули се изградени уште во 50-ите години и се дело на архитектот Серафимовски. Кулите биле исти како што се сега, поврзувани од голема улица која почнувала од олимпискиот базен и водела до самиот плоштад со мали пристапни улици до самите влезови.
Интересно е тоа што, едно од барањата на конкурсот за ГТЦ било наоѓање на решение кое нема да им се наметнува на кулите. Идејното решение на Живко Поповски толку добро ги инкорпорира кулите што многумина мислат дека објектите се сите заедно проектирани. Начинот на кој е проектиран ГТЦ овозможува светлото да допира до самиот влез, а истовремено не е попречен ниту пристапот кон објектите.

ГТЦ е дом на првото градско кино во Скопје

Продолжувајќи ја прошетката кон Источниот комплекс на ГТЦ, студентите објаснуват дека овој дел е направен 7 години подоцна и во него е сместено првото големо кино во Скопје – киното Центар или денешен Милениум. Сè дотогаш постоеле единствено маалски кина (Карпош, Чаир и слично), а со киното во ГТЦ се појавува и првото виситнски градско кино со големо фоаје како што имале театрите. Во тој период, се појавува и сосема поинаква културна и забавна програма во ГТЦ. Токму различните содржини кои ги нуди горниот кат на ГТЦ ги принудувало жителите во голем број да го посетуваат овој дел од Градскиот Трговски Центар. Од друга страна пак, терасите наоколу се градени по принципите на модерната архитектура, додека пак кровот можел да служи за сместување на зеленило, рекреација, угостителски тераси, ботаничка градина и слично.

Возниот сообраќај во рамките на ГТЦ е вистински израз на модерната

При крајот од своето предавање, студентите се задржуваат на автентичното сообраќајно решение на ГТЦ. Имено, разделувањето на сообраќајот за автомобилите, градските автобуси и за возилата кои вршат дотур на роба во продавниците е вистински израз на модерната. Разделувањето на движењето на сите овие возила во кое никој не пречи никому е вистински автентично решение кое го одликува Градскиот Трговски Центар. Студентите, особено го акцентираат начинот на дотур на роба во трговскиот центар кој се одвива по посебна улица и ја „крие“ оваа функција од посетителите. Исто така, студентите го нагласуваат и принципот на влегување на автобусот во самиот објект, што овозможува кај посетителот да се јави чувство дека „самиот објект го кани внатре“ во моментот кога ќе се симне од автобусот.

Ова е само дел од она што може и треба да се слушне. Те чекаме во 18 часот (15-ти април) на втората прошетна низ ГТЦ: Facebook настан.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *