Се гледаме на концерт и големо гушкање на ГТЦ!

За утревечер, со почеток во 20:00 часот, најавуваме голем концерт и огромно гушкање на ГТЦ со кој практично ја завршуваме оваа граѓанска кампања – „Излези за ГТЦ“ стартувана пред повеќе од 3 недели по повод референдумот за изгледот на градскиот трговски центар кој ќе се одржи в недела.

Се погриживме да има многу музика, насмевки и прегратки на кои би требало да кулминира љубовта на жителите на Општина Центар кон ГТЦ и одлучноста да го задржиме автентичниот изглед на објектот кој го доживуваме како свој.

На настанот, пред ќе се обратат претставници на Асоцијацијата на архитекти на Република Македонија, претставници од невладините организации кои ја поддржаа иницијативата, но и неколку истакнати граѓански активисти. Сите заедно, на граѓаните ќе им ги упатат последните пораки околу важноста да се зачува оригиналниот изглед на ГТЦ пред и официјално да започне пред – референдумскиот молк кој ќе трае се до крајот на гласањето в недела.

На концертот пак, кој ќе биде дел од овој завршен настан, ќе настапат Тони Зен + Бенд (Флека), Златко Ориѓански (со изведба на песни од претставата „Солун град на духови“), Ана Костовска и Симон Киселички, Бени и Нон Стоп, како и Самакутра бенд.

Концертот, заедно со големиот завршен настан, ќе започнат утревечер во 20:00 часот пред самиот влез на ГТЦ од страна на плоштадот. Ги повикуваме сите кои го почитуваат духот на овој град, да дојдат и да се забавуваат и уште еднаш да го гушнат ГТЦ пред одржувањето на референдумот во недела на 26-ти Април.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *