Често поставувани прашања

1. Зошто само Центарци да гласаат кога ГТЦ е граден со парите од сите граѓани на цела Македонија?

ГТЦ не само што е граден од наши заеднички пари, туку е граден и со парите од солидарниот фонд на југословенската и светската заедница. За жал, нашите пријатели од странство не можеме да ги прашаме, а да спроведеме национален референдум би било излишно. Ние како иницијатива поднесовме барање за референдум и до Град Скопје, но Град Скопје не го уважи нашето барање како што тоа го направи Општина Центар. Од друга страна, законот дозволува ГТЦ да го зачуваме само со гласање во Општина Центар.

2. Како можам да помогнам ако не сум од Центар?

Голем дел од иницијаторите и активистите на #ГоСакамГТЦ не се од Општина Центар, а сепак вложуваат време, труд и сопствени ресурси да го помогнат референдумот. Затоа, не очајувајте што не можете да гласате. Ако сакате да помогнете во зачувувањето на ГТЦ – можете! Прво и основно информирајте ги сите ваши пријатели, роднини и познаници кои живеат и/или гласаат во Општина Центар за референдумот на 26. април. Дополнително можете да се вклучите во волонтерските тимови кои помагаат на конкретната реализција на кампањата #ИзлезиЗаГТЦ. Слободно можете да не контактирате преку Facebook или Twitter, и ние со задоволство ќе ја прифатиме секоја помош.

3. Што ќе биде после референдумот, како ќе се спречи барокот, дали ќе има ефект?

Успешниот референдум осигурува правна заштита на објектот и обезбедува законски да не смее да се менува неговата автентичност односно ориганален концепт и изглед. Во втора фаза, законот предвидува рок од 60 дена по референдумот во кој општината треба да распише оглас за идејно решение за ГТЦ кое секако нема да смее да ја нарушува автентичноста на објектот.

4. ГТЦ е во лоша состојба и има многу затворени дуќани. Што со тоа?

Освен изгледот, идејното решение ќе нуди и стратегија за ревитализација на објектот и програма за враќање на граѓаните во ГТЦ. Тоа е исто многу важно како би заживеал самиот објект повторно на нивото на коешто заслужува!

5. Кога, како и каде да гласам?

Денот на одржување на референдумот на кој ќе се одлучува за изгледот на ГТЦ е недела, 26 Април, 2015 година. Гласањето на референдумот е идентично како и гласањето на другите избори. Избирачкото место се отвора во 07:00 часот наутро и може да се гласа до 19:00 часот попладне. Гласате во истиот објект (училиште, градинка или сл.), и во истото избирачко место како и на последните избори. Се’ што е потребно, е да се наоѓате на единствениот избирачки список на Општина Центар, а тоа можете да го проверите во просториите на општината или пак на izbirackispisok.gov.mk