Промовирана книгата: 111 тези за ГТЦ

Вчера беше промовирана книгата „111 тези за ГТЦ“ која нуди стотина причини зошто треба се задржи автентичниот изглед на Градскиот Трговскиот Центар. Зад книгата стои иницијативата „Го сакам ГТЦ“ и истата беше промовирана во монтажната галерија на Центарот за современи уметности во Паркот на Франкофонијата во Скопје. Книгата се надоврзува на серијата активности на иницијативата во пресрет на референдумот кој ќе се одржи во недела.

>> Преземете PDF од книгата: 111 тези за ГТЦ

Во книгата се застапени тези на десетина интелектуалци и водечките имиња во македонската архитектура денес: универзитетски професори, архитекти и експерти за културно наследство. Содржината произлезе од конференцијата посветена на ГТЦ која се одржа на 29-ти ноември во Младинскиот културен центар.

Уредници на публикацијата се Филип Јовановски и кураторката Ивана Васева. Јовановски вели дека книгата претставува документ кој ќе биде доказ за отпорот и битката на граѓаните во заштитата на современото модернистичко културно наследство, во услови кога офанзивно се уништува.

– Она што ни се случува е очигледно резултат на некакво незнаење, затоа сакавме со знаење да се бориме против тоа. Собравме десетина стручни лица од областа на архитектурата, уметноста и активизмот на конференција која се одржа на 29-ти ноември во МКЦ, и секој од нив даде по 11 тези за објектот. Тие ни одговорија на прашањето зошто сметаат дека ГТЦ е важен, од архитектонски, социолошки, но и од културолошки аспект. Потоа го склопивме тоа во еден прирачник за значењето на ГТЦ – вели Јовановски.

Книгата, вели тој, е и документ за серијата активности околу иницијативата „Го сакам ГТЦ“. Овие тези, велат авторите, се референца за вредноста на ГТЦ која е очигледно заборавена. Во воведот на книгата, пак, се наоѓа цитатот на Борис Чипан: „Каква власт, таква архитектура“.
На страниците се поместени 110 тези кои ги издвоија учесниците на конференцијата во МКЦ. Тука се наоѓаат ставовите на: архитектите Минас Бакалчев, Доминика Бошкова, Јасна Стефановска, Ана Ивановска – Дескова, Михајло Зиноски, Дејан Ивановски, Мишко Ралев, Даница Павловска, историчарите на уметност Донка Барџиева – Трајковска и Никола Писарев, како и антропологот Горан Јанев.. Како што рече Васева, 111-тата теза му припаѓа на граѓанинот кој треба да ја допише како своја причина зошто ГТЦ е важен. Во книгата се наоѓа и транскрипт од дискусијата во која учествуваат авторите на тезите.

Јовановски и Васева, како и активистите од иницијативата „Го сакам ГТЦ“, уште еднаш ги повикаа граѓаните да излезат и да гласаат на референдумот кој ќе се одржи оваа недела. Поранешната претседателка на ААМ, Даница Павловска, упати апели до граѓаните на општина Центар да ги заштитат своите интереси во име на интересите на сите останати општини.
– Исклучително е важно граѓаните на Општина Центар да излезат на референдумот и да гласаат. Со тоа, не само што самите ќе го зачуваат ГТЦ, туку и ќе бидат учесници на еден свечен демократски чин како што е референдумот. Затоа, ги повикувам жителите на Општина Центар, од 7.00 до 19.00 часот во недела, да го остварат своето право и да се почувствуваат како граѓани кои можат да влијаат на својата иднина и на иднината на следните генерации – рече Павловска.

Преземете PDF од книгата: 111 тези за ГТЦ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *